Премиерно прикажан документарен филм за културата и соживотот во Гостивар

Гостивар, 27 јануари 2023 (МИА) Документарниот филм „Гостивар-град на културата и соживотот“, вечерва премиерно беше прикажан во Центарот за млади и заедницата. Во филмот во кој има директни сведоштва на десетина гостиварци е во рамки на Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан – ReLOaD2.

Даниел Ѓорѓевски, координатор на проектот и коавтор на филмот пред публиката напомена дека неговата идеја е да прикаже Гостивар како град на културни збиднувања низ неговата традиција на соживот и на мултиетничноста.

– Материјалот е сниман на три јазици, оние кои најмногу се користат во Гостивар, што ја истакнува неговата мултиетничност. Во него се документирани настани од минатото низ повеќе фази. Низ директни сведоштва, учесниците потсетуваат на настани во изминативе педесетина години, што го прави приемчив за публиката. Сепак, во него е само дел од материјалот кој го снимивме, но се надевам дека ќе биде мал придонес во зачувувањето на историјата на соживотот на овој град, рече Ѓорѓевски.

Покрај сферата на културата, театарот, сликарството, музиката, во овој документарец има дел посветен на археологијата, историското наследство и развојните фази на градот

Прикажувањето на филмот „Гостивар-град на културата и соживотот“, беше завршната активност од проект што во рамки на Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан – ReLOaD2, финансирана од Европската унија (ЕУ), а спроведувана од УНДП.

згм

Коментарите се затворени.