Денес е Светски ден на радиото
Гостивар, 13 февруари 2023 Светскиот ден на радиото се одбележува денес, 13 февруари, ширум планетата. УНЕСКО го прогласи овој ден за празник за да го промовира радиото како медиум и сите можности што ги дава. Главната тема на овогодишното одбележување на Светскиот ден на радиото е „Радио и мир“.
На овој ден ќе потсетиме дека радиото е медиум кој допира до најшироките слоеви на населението и може да направи многу за образованието, културниот и политички дијалог, а воедно и да им помогне на луѓето во најразновидните животни ситуации.
Светскиот ден на радиото е востановен од УНЕСКО во 2011 година, токму поради тоа што на 13 февруари 1946 година за прв пат се емитува програмата на радиото на организацијата Обединети нации (ОН).
Радиото е сè уште најдинамичниот, најбрзиот и најинтерактивен медиум што постои. Тоа се приспособува на промените во 21 век и нуди нови начини на интеракција и вклученост.
Колку е значаен како медиум ќе ви предочиме една актуелна анкета која се однесува на Европа. Од 37 анкетирани земји, граѓаните во 27 од нив имаат најголема доверба во информациите што ги добиваат на радио, потоа телевизијата, а потоа социјалните мрежи. Според истражувањето на Европската радиодифузна унија во 37 земји, радио најмногу се слуша во Летонија – четири часа и четири минути, потоа во Србија со три часа и 44 минути, а потоа следат Ирска и многу земји од ЕУ.
На Светскиот ден на радиото, Radio G ги поканува сите – слушатели, радиодифузери и аудио-визуелни професионалци – да го прослават радиото и неговите вредности и да промовираат веродостојни информации како општо добро. За жал денешниот ден во Македонија е прогласен за „ден на жалост“ заради трагедијата која ги погоди Турција и Сирија, па соодветната програма ќе изостане. Во текот на денот ќе емитуваме содржини според препораките на АГЕНЦИЈА ЗА АУДИО И АУДИОВИЗУЕЛНИ МЕДИУМСКИ УСЛУГИ (ААВМУ) како израз на солидарност и почит за големиот број загубени човечки животи предизвикани од катастрофалниот земјотрес што се случи во Република Турција и во Арапската Република Сирија.
Коментарите се затворени.