Одбележани 67 години од мавровската трагедија

Гостивар, 13 февруари 2023 (МИА) Одбележувањето на годишнината од трагедијата при изградбата на најголемиот хидроенергетски систем во земјава, помина со пригоден собир во близина на браната на Мавровското езеро. Во лавини кои го зафатија мавровско реканскиот регион во 1956 година животите ги загубија педесетина, градители граничари и месно население.

Делегација на вработените во хидроцентрали Маврово оддадоа почит со едно минутно молчење и положија свежо цвеќе на обелискот.

Првиот човек на ХЕЦ Маврово, Ѓорѓи Божиноски потсети дека во саботата се навршија 67 години од февруарската трагедија и дека со пригодната комеморација се чествуваат луѓето кои се вградиле со своите животи, за да, како што рече се изградат капацитети од витално значење за државата.

-Во знак на сеќавање на оваа голема трагедија што ги потресе жителите на цела тогашна Југославија, бидејќи градители имаше од сите нејзини краишта подигнат е овој споменик и одржува традиционалниот мавровски меморијал. Ние вработените во хидроцентралите Маврово во февруари секоја година се собираме пред овој споменик, полагаме свежо цвеќе и се потсетуваме на големата трагедија. Со ова сакаме да им дадеме до знаење на сите наши вработени дека луѓето што загинаа во оваа трагедија вечно не задолжија положувајќи ги своите животи, рече Божиноски.

Ноќта меѓу 10 и 11 февруари 1956 година се случила една од поголемите природни катастрофи во земјава. Од планината Кораб се струполиле снежни лавини врз бараките на градителите на мавровскиот хидроенергетски систем. Во снежните намети затрупани биле над 100 лица, а половината од нив успеале да се извлечат од белата смрт и да се спасат. Најголемиот дел од загинатите биле градители на мавровските хидроелектрани.

Во спомен на трагичниот настан востановена е и една од најстарите спортски манифестации „Мавровски меморијал“ меѓународен натпревар во скијачко трчање.

згм

Коментарите се затворени.