Денес е Прочка – ден за проштавање и очистување од гревовите
Гостивар, 26 февруари 2023 Денес е Прочка, ден кој православните верници го слават како голем празник. Според верскиот календар се паѓа на еден ден пред почетокот на Велигденскиот пост и секогаш е точно на седум недели пред Велигден. За православните христијани има важност бидејќи на Прочка луѓето си простуваат меѓусебе. Со празникот се поврзани и голем број на обичаи и верувања.
Според традицијата, прошка бара помладиот од постариот со зборовите „Прости ми“, а постариот одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“.
Денешната порака е: Проштевајте! – Бог да прости, лесни пости! Ако не простиме, залудно ќе постиме. Лицемерно е да јадеш леб и вода, а да не проштеваш и да не се каеш.
По повод традицијата за простување ќе ве упатиме на одговорите на прашањата кому, колку и како да се простува.
Колку да простуваме?
Прости му целосно и сè. Ако не му простиш ти, ќе му прости Бог. Така ти си си наштетил себе си, а не нему. Колкупати да му простиме? Вака прашал и апостол Петар, а Христос му одговорил: „До седумдесет пати по седум“ (Матеј 18,22), што значи безброј пати.
Кому да простуваме?
На сите да им простиме сè. Дури и на непријателите. Така Господ направил. Бог бара од нас да не бидеме никогаш во непријателство со луѓето и да немаме злопамтливост (Матеј 5,23-24). Да простиш, значи да не дозволиш веќе во срцето да ти влезе лоша желба или да ти падне лоша мисла на ум. Да ти исчезнат лошите намери и планови. Очистеното срце да го наполниш со љубов. Бог ќе ни ги прости нам гревовите, доколку и ние им простуваме на оние што ни згрешиле (Матеј 6,14-15;18,35). И рекол: „Проштевајте и ќе ви биде простено“ (Лука 6,37).
Како да простуваме?
Простувањето не треба да биде формално, само со обични зборови, само изговорен збор, туку вистинско, кое ќе се случи прво во нас, во срцето и во душата, а потоа и во устата, низ зборовите: „прости ми“ – „простено ти е“.
Коментарите се затворени.