Виктор Петков освои уште еден подиум

Гостивар, 22 март 2023 Еден од најуспешните гостиварски спортисти, скијачот Виктор Петков, уште еднаш се искачи на победничкиот подиум. На последниот меѓународен натпревар во Србија (FIS NC и NCJ) што се одржа на 20-21 март, освои второ место во велеслалом во конечниот пласман. На патеките на Копаоник настапија четириесетина натпреварувачи од седум држави.

Од неговиот матичен клуб „Сноу спорт“ информираа дека Виктор постигнал забележителен резултат и во дисциплината слалом со постигнати четврто и петто време. Виктор со овој пласман освои 58 ФИС точки.

– Пред крај на натпреварувачката сезона ова се одлични резултати. Доколку има услови за одржување на уште некој натпревар, се надеваме на уште подобри резултати, со оглед на добрата форма во која настапува, наведуваат од клубот „Сноу спорт“.

Петков е еден од најуспешните македонски скијачи со настапи на 4 светски првенства и репрезентативец во алпски дисциплини. Тој на Светското првенство во Италија (2021) го оствари најдобриот пласман во досегашната историја на македонското скијање освојувајќи го 36-то место.

Коментарите се затворени.