Заврши конкурсот за Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“, прифатени 184 пријави
Гостивар, 2 април 2023 – Заврши пријавувањето за учество на јубилејното десетто издание на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ 2023. На конкурсот кој беше отворен пред два месеци од пристигнатите над двесте, прифатени се 184 пријави.
Организаторите на фестивалот, здружението „Милениум“ по истекот на рокот за пријавување (31 март 2023 година) информираа дека за овогодишното издание на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ 2023, Гостивар во двете возрасни категории прифатени се вкупно 184 регуларни пријави.
– Во возрасната категорија над 18 години заведени се 139 пријави, а во категоријата до 18 години заведени се 45 пријави. На конкурсот имаше и 20 пријави кои не ги исполнуваа условите, рече Слаѓана Брезовска од организацискиот одбор на фестивалот
Таа напомена дека поетите се навремено известени за нивните пријави.
Брезовска напоменува дека одзивот на конкурсот и бројот на пријави е во рамки на очекуваното и искажа благодарност на покажаната заинтересираност на поетите кои ги имаше од скоро сите балкански земји.
Годинава на фестивал „Литературни искри“ освен домашни ќе има учесници од: Хрватска, Србија, Црна Гора, Албанија, Романија, Бугарија и Словенија.
Од организацискиот одбор појаснуваат дека во наредниот период ќе се работи интензивно на подготовките на одржување на фестивалот и програмата, а следи и периодот на оценување кое ќе го врши тричлена жири-комисија.
Финалистите кои ќе бидат избрани конкурираат за наградите: Гран при, прва, втора и трета награда, Најдобар странски автор и Најуспешна млада поетска искра и нивните творби ќе бидат застапени во заедничката поетска збирка што традиционално се издава во склоп на фестивалот.
Здружението „Милениум“ и оваа година го реализира овој проект со поддршка на Министерството за култура. Фестивалот „Литературни искри“ се одржува во чест на Св. „Кирил и Методиј“.
згм
Коментарите се затворени.