Внимателно кога се работи на нива и да не се пали оган
Гостивар, 28 април 2023 Неодговорниот однос на поединци, во пролетниот период го зголемува ризикот од пожари. Од полицијата упатуваат апел да се внимава кога се извршуваат земјоделските работи и да не палат огнови. Предизвикувањето на пожар може да биде санкционирано и со затворска казна.
Во поширокиот Полошки регион во полн ек се сеидбени и други земјоделски активности. Низ нивите веќе има зголемена раздвиженост и интензивно се работи, особено за викендите.
Заради ова, од СВР Тетово апелираат до земјоделците, но и до сите други граѓани, да бидат постојано внимателни ако се движат или работат во полето.
– Посебно да не палат отпадоци на отворен простор или на стрништа, кои брзо можат да се прошират, особено ако времето е ветровито. Зашто, во спротивно ќе се соочат со ригорозни законски санкции, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Јосифоски потенцира дека во вакви случаи следуваат соодветни поднесоци и на суд да се соочат со затворски казни од 6 месеци до 5, односно до 8 години, зависно од видот на пожарот, околности во кои се случил и крајните последици.
Во овој период полицијата презема превентивни мерки, навреме да се пресретнат можните причини за пожари, а ќе има засилени контролни активности.
Коментарите се затворени.