Јубилејни ,,Литературни искри” во Гостивар, нова заедничка  збирка во поетската ризница

Гостивар, 17 мај 2023 –  Во пресрет на одржувањето на јубилејното 10-то издание на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ 2023, од печат излезе заедничката поетска збирка од авторите учесници на конкурсот. Во неа има по една творба на 46 автори, кои влегоа во потесниот избор за наградите. Изминатиов период, жири комисијата ги избра и 12 највисоко оценети автори – финалисти.

На годинашниот јубилеен конкурс на меѓународен фестивал „Литературни искри“ пристигнаа пријави од 184 автори од Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Романија.

Претседателката на жирито, Маја Апостолоска во освртот ќе напише дека со својот осмислен концепт „Литературни искри“ се профилира како фестивал кој дава подеднакви можности и на афирмираните и на новите поетски имиња, истовремено давајќи им шанса на различните возрасни групи, и на оние над и на оние под 18 години.

-Дополнително, неговата намера да вклучи и учесници од балканските простори придонесе за збогатување во колоритноста, потврдувајќи со тоа дека поезијата не признава граници и јазични ограничувања. Неговите критериуми за анонимност на учесниците овозможи низ овие десет години постоење непристрасно селектирање и бирање на најдобрите пристигнати поетски остварувања, што на многумина автори им беше потврда дека се на вистинскиот лирски пат и мотивација за продолжување на творењето. Оттаму, и насловот на фестивалот „Литературни искри“ соодветствува на она што тој го има зацртано: искрата, односно првичното вреднување, како почеток на светлината, односно на лирското живеење“ стои во дел од освртот насловен како „Јубилеен литературен пламен“ на претседателката на жирито Маја Апостолоска

Координаторката на фестивалот, Слаѓана Брезовска, информираше дека подготовките за реализација на десеттото фестивалско издание се при крај.

– Огромно е задоволството што континуирано поетскиот фестивал успешно го одржува поетскиот оган распламтен, а поетите од сите возрасти и скоро сите балкански земји инспирирани и секоја година желни за оставање траен белег пред сè во македонската но и во балканската поетска ризница. Оваа година, освен како организатор го имав и задоволството да бидам член на жирито, една убава ангажираност и искуство на директна соработка и дополнителна сериозност. Гостивар ќе биде домаќин на уште едно во низата успешни поетски изданија, рече Брезовска.

Тричлената жири-комисија во состав: Маја Апостолоска, Бранко Цветкоски и Слаѓана Брезовска, во двете возрасни категории го направи „Златниот одбир“. Годинава, 12 финалисти конкурираат за наградите: Гран при, прва, втора и трета награда, Награда за најдобар странски автор и Најуспешна млада поетска искра.

Почетокот на десетото издание на оваа поетската манифестација е закажан за 21 мај со почеток во 13 часот во НУ Центар за култура „АСНОМ“. Промоцијата на заедничката поетска збирка ќе биде во склоп на фестивалот, истакна Брезовска.

Носител на проектот е здружението „Милениум“ со поддршка од министерството за култура на Македонија.

Коментарите се затворени.