Нов протест на жителите од Горна Река против сечата на шума во НП „Маврово“
Гостивар, 16 јуни 2023 (МИА) – Со едночасовна блокада на регионалниот патен правец Гостивар-Маврово-Дебар кај месноста Бунец и истакнување на нови барања, жители на селата во регионот на Долна Река протестираа против сечата на шума и управувањето со природата на територија на националниот парк „Маврово“.
Протестот пот мотото „Не сечи, не убивај“ го организира здружението за рурален развој „Преродба на Горна Река“ кои се револтирани од како што рекоа против деструктивните политики и еколошката катастрофа која се случува на планината Мелник. Тие минатата недела упатија апел до управата на НП „Маврово“, но како што рекоа по состанокот не ги исполниле нивните барања и ќе продолжат со протестите.
– Сечењето на дрвјата се врши во приватни имоти, во кои се повредуваат имотните права на сопствениците на земјиштето, како и со флагрантно кршење на законот за прогласување на Националниот парк Маврово за заштитено подрачје во категоријата национален парк, рече Егзон Усеини од здружението Преродба на Горна Река.
Тие реагираат и на надлежните институции дека постапуваат по последните штети од невремето и како што рекоа, не ги земаат предвид барањата на народот за решевање на проблемите со кои секојдневно се соочуваат. Тие обвинуваат дека природата се деградира и се врши масовна експлоатација на дрвјата за комерцијални цели, на сметка на приватни имоти.
– Бараме да се престане со масовното сечење дрвја и отворање на планински патишта, како и да преземат активности за капитални инвестиции. Секое игнорирање на нашите барања уште повеќе нè мотивира и охрабрува да продолжиме до нивно остварување, рече Усени.
Од управата на НП Маврово, во соопштение поврзано со протестот наведуваат дека сите активности што се преземаат на подрачјето на паркот се во склад со Законот за заштита на природата и Законот за шуми и планските документи од областа изработени од компетентни институции и одобрени од надлежното министерство и државните инспекторати.
– Управата на Паркот повторно се обраќа до жителите на Горна Река со цел решавање на проблемите кои што реално се констатирани на терен настанати од невремето кое што се случи на ова подрачје и предизвика сериозни оштетувања на патиштата и мостовите. Затоа повторно ги повикуваме на средба и заеднички да изнајдеме решение за настаната состојба. Ние сме отворена институција и подготвени за конструктивен дијалог и решавање на реалните проблеми, се наведува во соопштението потпишано од директорот на НП „Маврово“ Самир Ајдини.
Коментарите се затворени.