Заврши меѓународниот фолклорен фестивал „Рудина фест 2023“

Гостивар, 24 јули 2023 (МИА) – Со доделувањето на признанијата на најуспешните учесници, во Гостивар заврши третото издание на ревијалниот меѓународен фолклорен фестивал „Рудина фест“. Синоќа на завршниот настан од четиридневниот фестивал, фолклористите настапија на градскиот плоштад и ги претставија кореографиите пред публиката.

Годинава на фестивалот учествуваа 15 групи од седум земји: Мексико, Чиле, Полска, Кипар, Грузија, Косово и Северна Македонија кои од 20 јули престојуваа во земјава.

Уметничкиот директор на фестивалот, Берат Џелили, напомена дека фестивалот го следеа претставници на ЦИОФФ Македонија и професионално жири, со оглед дека „Рудина фест“ е влезен во календарите на настани меѓународната асоцијација.

Изминативе денови, фолклористите настапија и во селата Чегране и Форино пред тамошните жители.

Фестивалот „Рудина фест“, го носи името по месноста на која во 1999 година беше сместен кампот за бегалци по косовската криза и во еден период таму престојуваа близу 40 илјади лица.

Коментарите се затворени.