„Бехтел и Енка“ ги отворија вратите за прием на 2.000 работници

Гостивар, 16 август 2023 – За изградбата на коридорите 8 и 10д на конзорциумот „Бехтел и Енка“ ќе му бидат потребни околу две илјади работници од различни профили. Овој податок беше соопштен на саемот за вработување на американско-турскиот конзорциум што се одржа попладнево во Агенцијата за вработување – Гостивар. Платата, работното време и кога ќе почнат вработувањата сé уште не се откриваат.

Меѓу гостите и заинтересираните граѓани беше и првиот вицепремиер Артан Груби. Тој посочи дека Коридорите 8 и 10д се, како што рече, најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата држава и дека се потребни работници.

– Би сакал да ги охрабрам граѓаните, не само од Гостивар, да станат дел од изградбата на најголемиот инфраструктурен проект со којшто ќе изградиме автопатско решение сé до границата со Албанија и исто така поврзувајќи ги автопатски и Прилеп и Битола. Во разговорот со менаџерите, планирано е да има над 2.000 вработувања и се надеваат сите ќе бидат од Република Македонија, изјави Груби по посетата на саемот во Гостивар.

Сепак на саемот не можеше да се дознае повеќе околу висината на платите и профилот на работници и колку фирми подизведувачи се предвидени. Во име на менаџерскиот тим на конзорциумот на прашањата одговараше директорот на проектот Џошуа Бејкер без да посочи на прецизни бројки и рокови.

– Наредните недели би можело да се почне со градежните работи на терен. Вложуваме сериозни напори да отпочнеме поскоро со градежните работи. Соработуваме со Владата и општините на експропријација на земјиштето и подготовките, рече Бејкер и посочи дека во тек се подготовките за изградба на два кампови, еден близу Гостивар и еден помеѓу Битола и Прилеп.

Тој избегна директен одговор во врска со прашањето за висината на платите на вработените, но кажа дека ќе бидат усогласени според работна позиција и актуелната побарувачка на пазарот на трудот. Бејкер очекува како подизведувачи да бидат вклучени повеќе локални фирми.

На првиот ден од саемот, во гостиварскиот центар за вработување, за вработување во „Бехтел и Енка се пријавија педесетина лица меѓу кои имаше и градежни инженери кои бараат работа и лица кои веќе работат.

Коментарите се затворени.