Започна проект за обнова на шумите на Буковиќ и Паштрик-Морина во Албанија
Гостивар, 6 септември 2023 – Со две годишен проект ќе се работи на подобрување на состојбите во шумите на планината Буковиќ и Паштрик-Морина во Албанија. Активностите треба да придонесат за понатамошното губење на шумите преку ревитализација на клучните предели и ќе се фокусира на обновување на шумскиот пејзаж за зачувување на балканскиот рис.
Проектот „Иницијатива за северни шуми: Обнова на шумите во Северна Македонија и Албанија го спроведува Македонското еколошко друштво (МЕД) во соработка со Регионалната канцеларија на IUCN за Источна Европа и Централна Азија (IUCN ECARO) и организацијата за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (ППНЕА).
На презентацијата во Трница беа истакнати особеностите на проектот и важноста од неговата успешност.
„Ревитализација на шуми е важна и за нашите држави, но и за исполнување на европските цели од Стратегијата за шумите на ЕУ до 2030 година, бидејќи природните екосистеми не препознаваат граници и бараат усогласено и одржливо управување. Се стремиме кон нивна заштита, но при тоа ја поддржуваме и нивната социо-економска функција заради обезбедување просперитет на руралните подрачја и поттикнување на одржлива био-економија базирана на шумите“, истакна министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова во поздравното обраќање.
Како податок за важноста на овој меѓународен проект беше истакнато дека изминатите две децении, Македонија загуби 5,5% од своите шуми, а Албанија загуби 6,5%, според Global Forest Watch. Овие трендови се алармантни, особено заради тоа што се протегаат долж региони кои се богати со биодиверзитет, вклучително и живеалишта кои се клучни за опстанокот на критично загрозениот балкански рис и виталните коридори на дивиот свет кои поврзуваат различни шумски области на национално и прекугранично ниво.
Коментарите се затворени.