Означен почетокот на изградбата на автопатот Гостивар – Кичево

Гостивар, 12 септември – Со црвено-жолта контролирана експлозија на ридот до некогашниот рудник за украсен камен над селото Горна Бањица започна изградбата на највредниот (1,3 милијарди евра) инфраструктурен зафат во поновата историја на Македонија. Низ овој дел од општина Гостивар треба да минува автопатската делница од 30 километри до селото Букојчане кон Кичево.

Копчето за првото минирање на терен го притиснаа првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми и амбасадорката на САД, Анџела Агелер.

Според вицепремиерот Груби, овoj настан претставува остварување на дадените ветувања пред јавноста и прв им честиташе на ЈПДП и на Бехтел и Енка. Тој појасни и како ќе се одвиваат натамошните работи на ридот над селото Горна Бањица и на делницата од автопатот Тетово-Гостивар

– Материјалот којшто ќе биде обезбеден од минирањето на оваа планина ќе биде искористен исто така за изградбата на автопатот Тетово – Гостивар како и на помошниот магистрален пат странично на Тетово накај Гостивар. Коридор 8 и Коридор10д ќе се изградат во рекордно време и најквалитетен начин, рече Груби. Во обраќањето, тој упати апел до граѓаните да се пријават за вработување, бидејќи како што кажа на конзорциумот Бехтел и Енка му се потребни околу 2.000 работници.

Проектниот менаџер Џошуа Бејкер откри детали од досегашните подготовки и дека досега се вработени 300 лица.

– Досега имаме 37 подизведувачи, 36 од нив се македонски компании и навистина се радуваме што ќе можеме да работиме со локалните подизведувачи. Ние следиме меѓународен стандард за ангажирање подизведувачи, бараме квалификувани понудувачи со понуди кои ги ревидираме технички и го ангажираме најдобриот понудувач, рече Бејкер.

Амбасадорката Анџела Агелер искажа задоволство во име на Амбасадата на САД, владата на САД и бизнис секторот на САД од почетокот на изградбата на автопатската делница и како што нагласи, таа е воодушевена од изборот на Бехтел.

– Бехтел, е американска компанија од светска класа, која работи на овие патишта за што мислам дека ќе бидат навистина големо достигнување за луѓето на оваа земја. Сите ние минавме низ овој мал кривулест пат за да стигнеме до тука и лично одвај чекам и верувам како многу граѓани на оваа земја, да имаме нов, убав, широк пат по кој ќе може да се вози и благодарна сум што работите се придвижија. Одвај чекам да ги видам резултатите, рече амбасадорката Агелер.

Првиот човек на ЈПДП, Ејуп Рустеми кажа дека се доставени инфраструктурни проекти за сите делници, елаборати за експропријација за Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани и очекува интензивирање на работите во наредниов период.

Настанот го проследија повеќе новинарски екипи, а поголемиот дел прашањата се однесуваа на актуелни политички случувања. На почетокот на работите немаше претставници на општина Гостивар, иако голем од новиот автопат минува низ нејзина територија.

Коментарите се затворени.