Едногодишен проект за заштита на пештерата „Убавица“ во Горна Ѓоновица

Гостивар, 28 септември 2023 – Со едногодишен проект што ќе го спроведуваат членови на две спелеолошки и истражувачки друштва предвидена е заштита и истражување на најголемата пештера во гостиварскиот крај „Убавица“.

На денешната работилница, беа презентирани дел активностите кои се предвидени со проектот „Заштита и мониторинг на пештерата Ѓоновица – идно НАТУРА 2000 подрачје“ кој ќе трае до јули 2024 година. Меѓу поважните, е поставување на врата на влезот на пештерата според европските стандарди за заштита на лилјаците и од оштетувањата на пештерските украси од неодговорни посетители. Оваа фаза треба да се реализира во октомври.

– Предвидено е да се спроведе четири сезонско истражување за да се обезбедат нови податоци и да се ажурираат постоечките, инвентаризација на пештерските елементи и живиот свет (фауната) во пештерата, рече Беркер Самет од истражувачкото друштво „Урсус спелеос“.

Од другиот партнер во овој проект, спелеолошкиот клуб „Кораби“ појаснија дека финансиската поддршка доаѓа преку Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (ReLoad 2) за Косово, Македонија, Албанија и се спроведува преку УНДП. За истражувањата и поставување на влезната врата се предвидени средства во износ од 28.000 евра.

– Проектот предвидува неколку фази, почнувајќи со поставување на заштитна врата со стандардот „EU BАT“ за да се заштитат лилјаците, со што ќе се осигури и внатрешноста на пештерата од неодговорни посетители кои пред некој период напишале графити на ѕидовите и оштетиле неколку пештерски украси“, појасни Јетон Османи од спелеолошкиот клуб Кораби – Гостивар.

Пештерата „Убавица“ која се наоѓа на јужниот дел од општина Гостивар во атарот на селото Горна Ѓоновица е една од поатрактивните во Македонија. Нејзината внатрешност ја истражија спелеолози од Италија и заедно со СК „Кораби“ направија виртуелен приказ на внатрешноста, што овозможува да се разгледува без да се влезе во неа.

http://www.studiotecnicomt.it/Virtual_tour/Ubavica_Cave/05-Tour/Ubavica_2018.html

Коментарите се затворени.