Меѓународниот театарски фестивал „Отело“ започнува во понеделник

Гостивар, 6 октомври 2023 (МИА) – Во рамки на седмото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Отело“, идната недела во Гостивар ќе бидат изведени шест претстави на театри од Албанија, Бугарија, Косово, Македонија и Србија.

Ова го најави тимот од здружението „Отело“, кое го организира фестивалот на денешната прес-конференција. Најновото издание на овој театарски фестивал ќе започне во понеделник 9 октомври со изведба на „Народен непријател“, претстава на Македонскиот народен театар (МНТ) по текст на Хенрик Ибзен и во режија на Нина Николиќ.

Арѓент Хасани, директор на манифестацијата зборуваше за подготовките на ова издание, напоменувајќи дека на фестивалот годинава ќе настапат три национални театри.

– Освен МНТ, годинава со свои претстави доаѓаат, народните театри од Косово и Албанија, и три други државни театри: Тетовскиот, театарот од Лесковац (Србија), и од Габрово (Бугарија). Според рејтингот на овие театарски куќи, нивните претстави се навистина нешто големо за гостиварската театарска публика. Работевме многу и се ангажиравме за да ги донесеме, рече директорот на фестивалот „Отело“ прес-конференцијата,

Продуцентот на фестивалот Берат Салиу напомена дека годинава, уметничкото ниво е подигнато и така ќе се работи во иднина по што фестивалот ќе биде препознатлив.

– Продолжуваме со натпреварувачкиот карактер, односно да ги наградуваме поединците и најдобрата претстава. Фестивалот ќе додели четири: најдобар актер и актерка, режисер и претстава, рече Салиу, продуцент на фестивалот.

 

Меѓународниот фестивал „Отело“ се организира со поддршка од Министерството за култура, Центарот за култура АСНОМ и компании кои ја поддржуваат културата во Гостивар.

Најавените претстави ќе се играат на големата сцена во центарот за култура АСНОМ, а влезот е бесплатен.

згм

Коментарите се затворени.