Претседателот Пендаровски на средба со жените фрамери во село Тумчевиште
Гостивар, 27 октомври 2023 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“ го посети гостиварското село Тумчевиште и оствари средба со претставничките на локалното здружение на жени фармери „Моја Фарма“ и се запозна со нивното делување.
На средбата, на којашто покрај претседателката на локалното здружение на жени фармери „Моја Фарма“, Живка Ѓурчиновска првата жена регистрирана како индивидуална земјоделка во ова село, присуствуваа и претставници од здружението „Руралната коалиција“ и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.
Во разговорите, претседателот Пендаровски се запозна со поддршката којашто ја добиваат од државата, предизвиците и проблемите со кои се соочуваат во однос на пласманот и откупот на земјоделските производи, малиот број на откупни центри, како и лошата инфраструктура.
Од кабинетот на шефот на државата, наведуваат дека жените земјоделки го информираа претседателот Пендаровски за нивните натамошни планови, со условите за работа како и со потребата од поголемо родово одговорно буџетирање во земјоделството и руралниот развој. Со цел да ги следат современите процеси, жените земјоделки истакнаа дека е неопходно постојано инвестирање во модернизација на производството.
Меѓу останатото претседателот Пендаровски беше информиран со активностите на нивното здружение во кое членуваат околу педесетина жени, организирањето на манифестацијата „Да ја зачуваме традицијата“, како и со работењето на нивната он-лајн продавница „Наша тезга“ како прв интернет пазар за продажба на земјоделски производи и преработена храна на традиционален начин, произведени исклучиво од жени од руралните средини.
згм
Коментарите се затворени.