Трибина: Менталното здравје на децата и младите е загрозено

Гостивар, 9 ноември 2023 (МИА) – Последното истражување на Универзитетската клиника за психијатрија направено во соработка со СЗО и УНИЦЕФ покажало дека менталното здравје на младите во земјава е загрозено. Оваа констатација беше изнесена на трибината за менталното здравје на децата и адолесцентите која се одржа во Гостивар и беше порачано дека е неопходно е да се работи на подигање на свеста за грижата и важноста на менталното здравје.

Говорниците посочија дека триесет проценти од тинејџерите имаат умерени до тешки симптоми на депресија, додека речиси половина од нив (48,4%) се соочиле со депресија изминатата година.

Претседателот на надзорната група за ментално здравје кај адолесцентите при Министерството за здравство, Стојан Бајрактаров напомена дека податоците од истражувањето укажуваат депресијата и анксиозноста се должат на фактори како што се сиромаштијата, социјална исклученост, изложеност на семејно насилство и срам.

– Има зачестени флуктуации на расположението, речиси секој ден во период од шест месеци. Задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, а тоа е позабележително кај девојчињата. Ризиците и надворешните влијанија се зголемени, а тоа влијае на нивната психичка состојба и стабилност. Оваа состојба може да се подобри доколку секој од нас ја преземе улогата што треба да ја има во општеството, особено во семејството, рече проф. д-р Стојан Бајрактаров, од Универзитетската клиника за психијатрија.

 

Психотерапевтот Вида Гавриловска ја потенцира потребата од намалување на појавата на насилството меѓу врсниците, но и во семејството. Овие облици на насилство, вели таа, оставаат длабоки траги во развојот на децата и младите.

– Како општество многу често гледаме меѓуврсничко насилство, но исто така има и не многу видливи форми во училиштето и семејството, потоа кај младите оставаат долгорочни последици во однос на нивното ментално здравје, изјави Вида Гавриловска, психотерапевт.

На трибината зборуваше и градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари која цитирајќи ја максимата „Во здраво тело, здрав дух“ укажа на активностите и мерките кои локалната самоуправа ги презема во подобрување на здравјето на младите.

– Општина Гостивар спроведува спортски активности во кои се вклучени децата и младите, кои помагаат во насока на подобрување на ментално здравје. Стручните лица-психолози се вклучуваат во семинари, работилници во училиштата и на тој начин придонесуваме во сочувување на менталното здравје кај децата, посебно кај средношколците, рече Таравари.

Трибината во Гостивар се организираше во соработка со локалната самоуправа, СЗО, УНИЦФ, Министерството за здравство и Здружението за одржлив развој „БИОМ“ – Скопје. Вакви и слични активности се одвиваат и во општините Битола, Карпош и Крива Паланка.

Коментарите се затворени.