Ревијален саем на занаетчии и мали бизниси

Гостивар, 21 ноември 2023 – Во организација на регионалната комора на занаетчии во малиот парк на градскиот плоштад се одржа ревијален саем на кој беа претставени дел од занаетите кои егзистираат во Гостивар

На импровизирани штандови беа изложени изработки: традиционална облека, традиционални музички инструменти, сувенири, алати со кои работат занаетчиите. Свој штанд имаа и учениците од козметичката насока од средното техничко училиште.

Саемот го отвори претседателот на Регионалната занаетчиска комора од Гостивар, Љуљзим Османи, кој од локалната и централната власт побара повеќе внимание и пари за занаетчиите, бидејќи како што рече, тие се моќен дел од економскиот развој земјата.

На манифестацијата присуствуваше и претседателот на Занаетчиската комора на Република Северна Македонија, Агрон Фазлији, кој истакна дека Гостивар е еден од градовите во кои занаетите опстојуваат и дека им е потребна поддршка. Јелена Спасова, извршен директор во Занаетчиската комора на РСМ во оваа прилика истакна дека конечно се успеало да се одблокира сметката на гостиварската комора, со што се отвораат можности за делување и работа.

Саемот заеднички го организираа Регионалната занаетчиска комора Гостивар и Фондација за развој на мали и средни претпријатија, локалната самоуправа со Локалниот социо-економски совет.

Коментарите се затворени.