ХЗГ „Д-р Трајче Нешковски“ донираше опрема за инклузивна училница во ООУ Мустафа Кемал Ататурк

Гостивар, 4 декември 2023 – Преку донација и активности под мотото „Еден сон, многу можности“ на хуманитарното здружение „Д-р Трајче Нешковски“ опремена е една училница за ученици со попреченост во основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар. Просторијата, која денес беше предадена во употреба е опремена и приспособена со помагала, играчки и реквизити за престој и учење.

Идејата за ваквата активност на здружението е да се овозможи инклузивна училница за дваесетина деца кои учат во ова училиште да имаат свое катче и работа со персонален асистент.

– Тоа е важно не само во образовниот процес, туку и во општественото живеење воопшто за да создаваме можности, а не ограничувања. Се надевам дека нашите можности како здружение во иднина ќе дозволат овој пример да го пресликуваме и во други образовни институции, рече Ема Нешковска. Таа упати повик до општествено одговорни компании, институции, здруженија и граѓани да придонесат во процесот на градење на инклузивно општество и еднакви можности за сите. Следните планови на здружението е да се набави опрема за сензорна интеграција.

На пуштањето во употреба на просторијата присуствуваше и градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари кој искажа благодарност за вложениот труд и остварената соработка.

– Се чувствувам убаво по посетата. Опремата која ја донираа од здружението „Д-р Трајче Нешковски“ ќе има извонредна и позитивна улога во третманот и престојот на децата со посебни потреби. Оваа просторија е посебно убаво уредена и тоа ме прави среќен, бидејќи гостиварци покажуваат внимание, мислат на лицата со посебни потреби и заеднички се обидуваме да им помогнеме, рече градоначалникот Таравари.

Настанот со предавањето во употреба беше проследен со програма која учениците ја подготвија со нивните наставници по повод одбележувањето на Светскиот ден на лицата со попреченост, 3 декември.

Тука може да ја погледнете изјавата на Ема Нешковска 

https://fb.watch/oJZI9EtLNC/

згм

Коментарите се затворени.