Општина Гостивар во 2023 година инкасира над еден милион евра од дозволи за градба
Гостивар, 12 јануари 2024 (МИА) – Општина Гостивар минатата година издала 197 одобренија за градба и остварила приход од околу еден милион евра, информираат од Секторот за урбанизам. Според обемот на издадени дозволи гостиварските урбанисти се на првото место во полошко и меѓу „топ-три“ на ниво на држава. Годинава се очекува и носење на ДУПови за делови од градот кој изминативе децении беа „заборавени“.
Раководителот на Секторот за урбанизам, сообраќај, комунални дејности и заштита на животна средина, Семир Зулбеари, при презентацијата на годишниот извештај за завршени работи во минатата година посочи дека најголемиот број на дозволи се однесуваат за изградба на семејни куќи.
– Најголемиот дел од дозволите 156 се за градби во градското подрачје, а триесетина во поголемите села како Балиндол, Дебреше Горна и Долна Бањица. Одобренија за колективни згради се 18, а 22 се инфраструктурни објекти. Останатите се однесуваат на доградби, пренамени и адаптации. Од пристигнатите 228, триесетина барања се одбиени, рече Зулбеари.
Од поважните активности кои се завршени успешно е процесот на легализација и впишување во сопственост на општината на објекти како што се, спортска сала „Младост“, интернатот, административната зграда на ЈП Комуналец и седиштето на локалната самоуправа, за кои како што рече е добиен имотен лист.
Зулбеари посочи дека минатата година по основ на завршени предмети за легализација на дивоградби во општинска каса се слеале дополнителни над 100 илјади евра.
Локалната власт предвидела и урбанизирање на периферијата на градот. Во тек е постапка за изработка на три ДУП-ови за блоковите 15, 24 и 25, за кои како што рече првиот човек на гостиварскиот сектор за урбанизам досега ги немало или биле стари повеќе децении. Пред одобрување или во завршна фаза се и ДУП-вите за блоковите 31 и 16.
Коментарите се затворени.