ТРИ ПРАЗНИКА ВО ЕДЕН ДЕН: Денес е Обрезание на Господ Исус Христос, свети Василиј Велики и Нова година
Гостивар 14 јануари 2024 Денешниот ден меѓу православните христијани се слави и народски кажано СТАРА НОВА ГОДИНА. Секако овој ден е познат и како Василица, во чест на св. Василиј Велики. Но, додека чекате гости или се подготвувате за да прославите, еве неколку редови кои појаснуваат зошто денес се слават три празника
Во спомен на овој настан светата црква го востановила празникот Обрезание Господово на осмиот ден по Божик ‒ денот на Христовото раѓање. Имајќи предвид дека празникот на Христовото раѓање не е од најстарите Господови празници, дека најпрво споменот на Христовото раѓање бил слеан во Богојавление, денот на неговото крштевање, (односно на неговото духовно раѓање), и дека подоцна тој настан е поврзан со денот 25 декември, може да се рече дека и денот на Господовото обрезание подоцна е ставен на осмиот ден по раѓањето.
Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики познат и како Кесариски поради тоа што бил најпознат владика во градот Касарија Кападокиска. Уште мал се стекнал со образование, примил свештенички чин и го учел народот на божјата наука. На големата популарност му завидувал тогашниот владика во Кесарија поради што Василиј заминал во пустина каде што останал до смртта на владиката. Потоа се вратил и бил поставен за владика, направил многу добри дела по кои црквата сè уште го споменува. Останал како пример за позитивни човекови особини поради што црквата го нарекла Велики.
Денес почнува и новата година по јулијанскиот календар. Покрај МПЦ-ОА, според јулијанскиот календар, православна Нова година слават и Српската и Руската црква, Ерусалимската патријаршија и дел од Света Гора.
Коментарите се затворени.