Куршум од калашњиков оставен пред вратата од домот на Таравари

Гостивар, 5 февруари 2024 – Неиспукан куршум бил оставен пред влезната врата на домот во кој живее градоначалникот на општина Гостивар и претседател на политичката партија Алијанса за албанците, Арбен Таравари. Од кабинетот на градоначалникот потврдија дека случајот е пријавен во полиција.

Од СВР Тетово информираа дека во 9 часот и 34 минути Ј.Џ.(42) од Гостивар пријавил дека пред влезната врата од куќата на 50-годишниот гостиварец А.Т. во Гостивар било пронајдено зрно од автоматско оружје калибар 7, 62 милиметри. Екипа од СВР Тетово-ОВР Гостивар извршила комплетен увид, пронајденото зрно е фотодокументирано и подигнато за вештачење. Се расчистува и документира случајот.

Куршумот кој најверојатно според калибарот и големината е за автоматска пушка (7,62мм) го пронашол Таравари кога утрово околу 8 часот излегувал за на работа.

Поединости се очекуваат во текот на денот во изјава која како што рекоа од кабинетот на градоначалникот најверојатно ќе ја соопшти преку официјалниот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

згм

Коментарите се затворени.