Кампања во сообраќајот: „Биди одговорен, не заборавај, стави појас”

Гостивар, 3 март 2024 –  Превентивно-едукативни активности како дел од кампања за поголема безбедност на возачите и сопатниците беа спроведени денес (3 март) низ централното подрачје на Гостивар.

На возачите им беа поделени летоци, маици и освежувачи за возила со совети и пораки – секогаш и секаде да користат сигурносни појаси, без разлика дали се движат по градските улици или на автопат, на кратки или на подолги релации.

– Полициските службеници на СВР Тетово-Отсек за превенција и од гостиварското Одделение за безбедност на патниот сообраќај Гостивар споделија со возачите практични информации и искуства за тоа колку е значајно користењето на сигурносните појаси, особено во ризични ситуации или при евентуални сообраќајни несреќи на патиштата. Возачите се запознаа и со законските импликации ако појасите не се користат, рече портпаролот Марјан Јосифоски.

Возачите, исто така, добија и практични совети за неопходноста од употребата на ваквите појаси и од оние кои се на задните седишта во возилата. Денешните активности се поддржани од МВР, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност Скопје.

Коментарите се затворени.