Почина Мирко Попов, еден од највлијателните автори на македонската електронска сцена
Гостивар, 24 март 2024 – Мирко Попов, еден од највлијателните и најуспешни диџеи, композитор, текстописец, издавач и продуцент, почина на 51 година по кусо боледување.
Професионалната кариера ја започнува во 1992 година, а истата година добива простор во култното скопско музичко радио „Канал 103“ каде од 2008-ма до 2010-та беше главен и одговорен уредник. Тој е еден од основачите на ПМГ Колективот во 1995-та, а во 1998 ја формира ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која ќе издаде над 300 изданија.
Со бендот ПМГ Колектив (еклектична комбинација на жив и електронски пристап во слободен стил) каде е автор на музика, текстови, вокалист и оператор на машини за звук има издадено 9 албуми и едно издание на најголемите хитови.
Има остварено повеќе улоги во театарски претстави, како и на филм, режира радиодрама.
Тој e сценарист и продуцент на документарниот филм „103-Љубовно Писмо До Алтернативната Култура“ и комплетен автор на музичкиот филм „До Небото Замок“. Продуцент, сценарист и автор е на повеќе од 50 музички видеа.
Автор е на книгата „20 Години те Сакам *Монографија за ПМГ колектив“. Автор е на книгата за деца „Розевата Планета“ издадена за Чудна Шума на македонски и албански јазик.
Како музички новинар пишувал текстови во Трн, Реборн, Урбан Магазин, Тротоар, Скопско Метро и др. Објавувал своја проза, поезија и стрипови во Маргина, Лифт, Скопско Метро и др.
Коментарите се затворени.