Изложба и перформанс на Бојана Артиновска

Гостивар, 18 април 2024 – Уметница Бојана Артиновска, вечерва (18 април) ќе ја претстави нејзината изложба „Вода“ во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар. Настанот ќе биде збогатен со перформанс сликање, како и настап на музичарот Игор Темелковски.

-Секој од основните елементи има особено влијание и моќ да го лекува протокот на енергија во просторот. Уметноста исто може да лекува, делото вибрирајќи со одредена фреквенција, делува врз физичкото, менталното и емоционалното тело на човекот. Мојот обиде е да преку претставувањето на основните елементи индиректно да делувам врз физичкиот простор. Прв елемент со кој работев беше земја, сега истражувам преку водениот елемент, наведува Артиновска

Изложбата содржи околу 15 платна со различни димензии, изработени во комбинирана техника. Таа, за да го приближи уметничкиот чин до публиката, на самиот настан предвидува и перформанс, сликање. Изложбата ќе биде дополнета со изведба на тематска музика на Игор Темелковски во живо за време на перформансот.

Бојана Артиновска е родена е во Велес 1977 година. Факултет за ликовна уметност при Универзитетот „Кирил и Методиј“ Скопје завршува во класата на проф. Родољуб Анастасов на отсек сликарство и сценографија.

Еден период работи како слободен уметник во САД. Од 2021 е член на ДЛУМ со кое има остварено бројни групни изложби, хуманитарни акции и перформанси. Напоредно со сликарството и сценската уметност истражува и во полето на фотографијата. Од 2008 до 2022 година има шест изложби и добитник е на награди за сценографија и уметнички остварувања.

Коментарите се затворени.