Петровска: СДСМ вистински се грижи за животната средина, Шар Планина ја направивме национален парк
Гостивар, 20 април 2024 (МИА) – Носителката листа во 6 ИЕ, (изборна единица) на СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ Славјанка Петровска денес се придружи на сопартијци и еко активисти во еколошка акција во Гостивар по кејот и градскиот парк.
Таа во изјавата за медиуми напомена дека борбата за здрава животна средина, за чист воздух и чиста вода за пиење, бара сеопфатен широк пристап.
– Изминатите години го правевме токму тоа. Преку искористување на природните потенцијали и преку градење на одговорни мерки и политики Македонија ја претворивме во лидер во изградба на нови енергетски капацитети од обновливи извори на енергија, рече Петровска
Таа потсети дека изминативе две години, во државата се инсталирани 600 мегавати од обновливи извори на енергија, најмногу во фотонапонски централи. Таа се осврна и на Планот за чист воздух со низа на краткорочни, долгорочни и мерки на среден рок, кој на годишно ниво, како што рече доведе до намалување на аерозагадувањето во најзагрозените градови.
Кандидатката за пратеник Ема Нешкоска во обраќањето кажа дека заштитата на животната средина е уште една причина зошто ни треба побрза интеграција во ЕУ.
– СДСМ има јасна визија и цел, европските стандарди и квалитетот на живот да ги донесе дома, во Гостивар и низ цела Македонија. Важно е да продолжиме кон ЕУ, затоа што со влезот во Унијата, покрај останатите придобивки, се доближуваме и до политиките кои гарантираат почист воздух и почиста животна средина” посочи Нешкоска.
За носителаката на листата Петровска значајно е што актуелната влада донела одлука за прогласување на заштитено подрачје на една од најголемите планини на Балканот.
– Она што е важно за овој регион е што нашиот бисер, нашата Шар Планина ја прогласивме за Национален парк со што исправивме една би рекла децениска неправда кон оваа природна убавина, потенцира Петровска.
Носителката Петровска најави дека СДСМ и во следниот мандат ќе продолжи со мерки и политики што ќе придонесат за заштита на животната средина.
– Во нашата нова програма предвидена е набавка на опрема и изградба на регионални депонии и претоварни станици во Полошкиот регион со што ќе ставиме крај на уште еден деценински проблем на граѓаните од овој регион. Планот за чиста животна средина нека биде мотив плус на 8 мај да дадеме поддршка на бројот еден” порача Петровска.
згм
Коментарите се затворени.