Таравари: Потребна е вонредна мобилизација за победа со голема разлика

Гостивар, 21 април 2024  – Кандидатот за претседател Арбен Таравари од вечерашниот предизборен митинг  на коалицијата Влен/Вреди, порача дека очекува победа со голема разлика на претстојните избори, но како што напомена, потребна е вонредна мобилизација.

– Ве замолувам за вонредна мобилизација, за да ја направиме разликата од 7.000 гласови како што ветивме. Ми велат дека тоа сум го ветил и сега треба заедно да го направиме тоа. Затоа, овие два-три дена да продолжиме да работиме заедно и да ја направиме победата голема, рече кандидатот за шеф на државата, Арбен Таравари.

Тој, ја побара поддршката од гостиварци, за како што рече остварување на првата победа на 24 април и конечната победа на коалицијата „ВЛЕН“ на 8 мај.

Носителот на листа во изборната единица 6 од оваа коалиција и лидер на политичката партија „Беса“, Биљал Касами упати критики до политичките противници од Европскиот фронт и како што рече, поздрав до оние што ги прекршиле законите.

– Од тука ви испраќам поздрав, ви кажуваме дека не се плашиме од вас, дека не се плашевме од режимот на Милошевиќ и не се плашиме од шпиони или пиони на Вучиќ. Народот вели дека затворот е за мажи, но и за криминалци. Криминалот не поминува неказнето, бидејќи во спротивно, продолжува, рече Касами.

Изет Меџити лидерот на Демократското движење се осврна на положбата на албанците во Македонија и напомена дека со ВЛЕН ќе има правна држава и дека ќе бидат ослободени сите неправедно осудени Албанци.

Лидерот на Аалтернатива за албанците и носител на листа за Изборна единица 2, Африм Гаши, коментираше дека од Гостивар почнува промената и дека овој град е клучот за промените.

Од говорницата се обратија и кандидатите за пратеници на коалицијата Влен/Вреди, Халил Снопче, Беким Чоку, Саранда Имери Стафаи.

Коментарите се затворени.