Ковачевски: СДСМ е единствената политичка сила која знае како да ја внесе Македонија во ЕУ
Гостивар, 27 април 2024 – На вечерашниот митинг кој се одржа на градскиот плоштад, претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, на присутните им порача дека СДСМ е силна партија и ако некој мисли дека тукутака ќе се откажат, тогаш или не ги познава или ги потценува. Во обраќањето тој посочи дека со поддршката на граѓаните со срушиле режимот на ВМРО-ДПМНЕ и ја ослободиле државата од 11-те години изолација.
– Оваа влада со поддршката на граѓаните ја внесе Македонија во НАТО, донесе тешки но правилни одлуки и после 30 години, успеа да ги отпочне преговорите со Европската Унија. Со гордо крената глава на 8 мај повторно ќе излеземе на избори и повторно ќе кажеме ДА, ние сме тие кои сме за прогресивна, напредна, европска Македонија“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека во средата, во првиот круг на претседателските избори, граѓаните им испратиле силна порака и дека таа порака ја слушнале, ја прифатиле одговорноста и се свесни дека СДСМ мора да се промени за да ја врати довербата на граѓаните.
– Знаеме дека има и незадоволство кај граѓаните. Тоа не го криеме и го кажував во изминатите неколку месеци. Нас нѝ е совршено јасно дека партијата треба да се менува за да ја вратиме довербата на граѓаните. Како човек кој во животот и во кариерата се соочил со многу победи и со порази, добро знам дека првиот чекор кон промена е прифаќањето на сопствените грешки“, порача Ковачевски. Изборите на 8-ми мај ќе бидат многу тешки за сите, појаснува Ковачевски и вели дека тие ја имале поддршката и кога било најтешко, потсетувајќи дека резултатот сѐ уште не е одлучен.
Носителката на листата на СДСМ и коалицијата во Изборната единица шест, Славјанка Петровска се обрати до опозицијата и праша:
– Ќе излезете од НАТО? Ќе прекинете преговори со ЕУ? Ќе затворите граници со соседите? Ќе седите дома, додека децата ни бегаат преку граница, а вие ќе ја фатите старата песна, да изградите уште една бела палата, додека на народот му се заканувате со меѓуетничка војна? И ние сме луѓе од крв и месо, и нас не болат неправдите кои доаѓаат однадвор, сите тешки одлуки – и за името и за односите со соседите. Сето тоа и нам ни тежи на душа, но ние немаме право да Ве лажеме дека има успех без цена, за нашата Македонија да дојде таму кај што природно припаѓа, во цивилизирано, европско семејство“ порача Петровска.
Коментарите се затворени.