Гоце Димовски ќе раководи со ДТИРЗ, во општинскиот совет на негово место ќе дојде Милан Јованоски

Гостивар, 2 јули 2024 – Првиот човек на ОК ВМРО ДПМНЕ Гостивар Гоце Димовски е назначен од Владата на денешната втора седница за в.д. директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ). Тој досега беше координатор на советничката група во советот на општина Гостивар и заради конфликт на интереси ќе го напушти советничкото место.

Димовски во телефонски разговор за Radio G потврди дека заради законските ограничувања со назначувањето на новата функција нема повеќе да биде во општинскиот совет, а на негово место треба да дојде Милан Јованоски, кој беше петти на листата.

– На денешната владина седница назначен сум за вд директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони. Голема благодарност до премиерот проф. Д-р Христијан Мицкоски за укажаната доверба. Голема чест, а воедно голема одговорност и обврска е да се води една од клучните институции во делот на економијата и инвестициите. Подготвен сум за предизвикот и за промените што ќе значат поголем економски развој и повеќе инвестиции во Македонија, рече Димовски.

Тој потврди дека лидерската позиција во гостиварскиот општински комитет ќе ја извршува уште една година, односно до истекот на мандатот.

Гоце Димовски е доктор на науки, докторирал на тема „Улогата на странските директни инвестиции на перформансите на малите и средни претпријатија во Република Македонија“ на темпус докторската студиска програма DOCSMES.

Покрај политичкиот ангажман во матичната партија ВМРО ДПМНЕ, на професионален план во областа на инвестициите менаџментот Димовски во Лондон, ја има завршено програмата Executive Education, додека на Европската сертификациона и квалификациона асоцијација во Виена, ја има завршено програмата за проектен менаџемент. Обуки за професионални надградби стекнувал и на различни образовни институции како Јапонската меѓународна агенција за соработка, Метрополитен школа за бизнис и менаџмент во Обединето Кралство и други.

Гоце Димовски работел во повеќе институции и компании и има искуство во имплементација на инвестициски проекти. Се занимава и со научна работа и објавил трудови од областа на менаџментот и инвестициите и учествувал на меѓународни научни конференции од полето на економијата и бизнисот. Гоце Димовски е оженет и родител на две деца.

Коментарите се затворени.