Свечен почеток на Детска недела во ООУ „Гоце Делчев“

Гостивар 1 октомври 2024 – Со впечатлива рецитација на првоодделенците во холот на ООУ „Гоце Делчев“ започна одбележувањето на Детската недела на детето. Организаторите на манифестацијата во оваа образовна установа предвидоа низа активности кои ќе ги реализира во текот на целата недела.

Денот на првоодделенците денес започна со зачленување во училишната библиотека со што од самиот почеток на нивното образование ним ќе им се развие љубовта кон книгата и читањето. Дечињата добија членски картички и беџови со слоганот на активноста „Растам читајќи“. Првоодделенците во еден глас пред идните наставници, стручната служба и постарите ученици го кажаа своето ветување.

„ВЕТУВАЊЕ“

Во овој момент, ветувам на сиот глас

Дека моите наставници ќе ги почитувам јас!

Секоја задача ќе се обидам со леснотија да ја решам, но Ве молам

простете ако згрешам!

Во овој момент давам чесен татковински збор, ќе се дружам со другарчињата, во училишниот двор!

Како надополнување на програмата следуваше и настапот на фолклорната секција на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ кои ги мотивираа учениците од прво до петто одделение да заиграат традиционални ора и да запеат.

Одбележувањето на детската недела во ООУ „Гоце Делчев“ ќе продолжи со богата наставна програма во која учениците од нижите одделенија ќе реализираат ликовни изложби, литературни, драмски изведби и музички содржини преку кои ќе ги искажат нивните знаења и талент.

Организаторите на манифестацијата во училиштето испратија и порака:

– Децата се нашата најголема гордост и богатство и затоа ние мисионерски им се посветуваме, бидејќи светот останува на децата.

Секоја година, првата седмица од месец октомври им се посветува на децата под мотото Детска недела, а првиот ден од Детската недела е Универзалниот Ден на детето.

 

 

Коментарите се затворени.