Градоначалникот Лимани најави одговорност за состојбата со водата во градскиот водовод
Водата во гостиварскиот водовод повторно се анализира заради два различни резултати, а доколку има пропусти во целата постапка, ќе се бара одговорност. Засега е нејасно каде и кој прави грешки во анализата заради која по втор пат за две недели гостиварци се принудени да купуваат вода.
Резултатите на водата за пиење во гостиварскиот водовод направени во две лаборатории се различни и според едните водата не е за употреба, а според другите е безбедна. Се очекува нова анализа која ја прави државниот Центар за јавно здравје – Скопје. Ова го кажаа вд градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани и најави поведување на одговорност, доколку имало пропусти.
Лимани појасни дека резултатите на компанијата која ги врши анализите за ЈП „Комуналец“ покажале вредности кои налагаат забрана за пиење, меѓутоа како што нагласи, резултатите од примероците на Центарот за јавно здравје Гостивар земени истиот ден, покажале дека водата може да се користи.
– Истиот ден е направена е и анализа на присуство на манган. Во резултатите кај приватната компанија тие се над дозволените вредности, а пак кај Центарот за јавно здравје тие се под дозволениот минимум. Од тие причини, во саботата земени се нови примероци за анализа за да направи подетална проверка и во скопскиот центар јавно здравје, рече Лимани во одговорот на новинарско прашање на настан кој се одржа во Гостивар.
Градоначалникот Лимани очекува во текот на денот да стигнат новите резултати и да се утврди дали водата е здрава за пиење. По ова како што нагласи ќе побара од претпријатие кое раководи со градската водоводна мрежа и снабдувањето ЈП „Комуналец“ да ја прекинат соработката со компанијата која врши анализи, Лимани најави и мерки за одговорност кон оние кои придонеле за состојбата што настана со воведување на забрана за употреба на водата за пиење. Изминативе две недели, беа воведени две забрани за употреба на водата од гостиварскиот водовод а како причина еднаш беше наведено присуство на колоформни бактерии и ешерихија коли, а во последното од петокот и физичка загаденост со присуство на манган.
Водата од градскиот водовод се проверува во “Лабораторијата PROANALİZ“ чие седиште е во Струмица. Таа е странска инвестиција, а според нивните податоци имаат акредитација за за анализа на храна, вода и почва од страна на Македонското тело за акредитација (ИАРМ) под ISO 17025 лабораториска акредитација.
Коментарите се затворени.