Тридневен хепенинг во чест на д-р Трајче Нешковски

Гостивар 8 октомври 2024 – Со низа настани, идниот викенд ќе се чествуваат ликот и делото на д-р Трајче Нешковски. Годинава, покрај турнирот во мал фудбал, хуманата мисија на прерано починатиот доктор, активист и хуманитарец ќе биде дополнета со музичка вечер, крводарителска акција, откривање на мурал и забава за деца.

Од организаторите Хуманитарно здружение на граѓани „д-р Трајче Нешковски“ информираат дека овогодишните настани ќе се организираат во периодот од 18 – 20 октомври.

– И оваа година како и претходните, намерата е да овозможиме за секого по нешто, но и да ја продолжиме хуманата мисија на д-р Трајче, кој беше и остана синоним за човечност и солидарност. Ако човекот живее онолку колку што се спомнува, тогаш Трајче живее секој ден, стои во поканата на здружението.

Покрај останатото се наведува дека со учеството, граѓаните помагаат во намерите на здружението и оваа година да помогне онаму каде што е најпотребно. Здружението во согласност со можностите и средствата кои ќе бидат собрани оваа година, планира да овозможи:

  • Бесплатна градинка за децата на самохрани родители;
  • Потребни помагала за жените борци против ракот на дојка;
  • целосно да го реновира детското игралиште во населбата Малеарди.

Активностите предвидени во програмата ќе започнат на 18.10.2024 (петок)

со хуманитарна музичка вечер во БОА БАР од 21.00 часот на која ќе настапат: DORIS D (Дорис Ди), SOUNDCHECK (Саундчек) и Бени со НОН СТОП, влезницата е 150 денари.

Утредента на 19.10.2024 (сабота) ќе бидат организирани крводарителска акција (10-15 часот) во просториите на Служба за трансфузиона медицина и детска забавна програма на градскиот плоштад од 13.00 часот со маскоти на ликовите на Стела и Сани, Дино и Ститч

Во недела 20.10.2024, предвидено е да се промовира муралот со ликот на д-р Трајче Нешковски во 12: 00 часот, во населбата Малеарди (до КАМ маркет) и настап на гудачкиот состав Music Viva и меморијалниот турнир во мал фудбал (13.00 часот) на игралиштето во Малеарди.

Коментарите се затворени.