Децата од градинките ја одбележуваат „Детската недела“

Гостивар, 7 октомври 2024 – Околу седумстотини деца од гостиварските градинки под мотото „Безбеден чекор кон среќно детство“ со низа активности ќе ја одбележат Детската недела. Со дефиле и истакнување на транспаренти, дел од нив симболично од градскиот плоштад испратија пораки. Станува збор за манифестација која се организира во првата недела од октомври.

Директорката ЈУДГ Детска радост, Даниела Бошкоска напомена дека ова традиционално одбележување е исполнето со настани и работилници поврзани со правата на децата. Како поважна, годинава е хуманитарната акција под мотото „Што е мое нека биде твое“.

– Акцијата е насочена кон меѓусебното подарување, нешто што децата треба да го негуваат од мали нозе, рече Бошкоска.

Таа напомна дека на ваков начин кај децата се создаваат и навиките за толеранција и солидарност, а градинките се една од средините каде тие се стекнуваат. На настанот, присуствуваше и вд градоначалникот Ваљбон Лимани, кој прочита дел од пораките и се дружеше со дечињата.

– Децата имаа напишано многу силни пораки и се надевам дека тие ќе стигнат прво до возрасните, а потоа и до сите чинители, за да децата имаат подобар и поквалитетен живот, напомна Лимани.

 

Неделата на детето ќе заврши во четврток, а во петок ќе биде организирана и посета на некои знаменитости во градот.

– Секој нас, како дел од семејството, градинките, училиштата, установите за заштита и грижа на децата и сите други институции и органи имаме обврска да придонесеме за нивен психофизички развој. Да ги воспитуваме и образуваме во духот на толеранцијата и прифаќањето на различностите, да ги научиме како да одбегнуваат конфликтни ситуации и да го изберат дијалогот како начин за решавање на проблемите, со што ќе придонесеме детето да биде подготвено да живее во една здрава средина на мирот, достоинството, толеранцијата, слободата, правото, рамноправно и солидарно со другите, рече Даниела Бошкоска директорка на установата која управа со градинките во Гостивар

Активностите во рамки на детската недела се спроведуваат во петте работни единици на ЈУДГ Детска радост.

 

 

Коментарите се затворени.