Со хуманитарен концерт и аукција се прибираат донации за помош на Ивица Срезоски
Гостивар, 7 ноември 2024 – Естрадни уметници и изработувачот на ножеви Дане Гаврилоски се приклучија во прибирање на средства за лекувањето на гостиварецот Ивица Срезоски. Деновиве по социјалните мрежи се актуелни апели за помош и солидаризирање со Ивица. Тој боледува од спиноцеребрална атаксија, болест која му ги напаѓа мускулите и му предизвикува трајна одземеност на мускулите.
На повиците за помош покрај управата на клубот КК Гостивар (приходот од продадени влезници го донираа) досега се одзваа и група на естрадни уметници. Тие ќе настапат на хуманитарниот концерт кој е закажан за 26 ноември во Центарот за култура. Влезницата чини 200 денари.
На несекојдневен начин се приклучи и ножарот Дане Гаврилоски. Тој стави на аукција едно уникатно парче на рачно изработен нож. Наддавањето се одвива на ФБ профилот на Дане и ќе трае до 10 декември. Оној што ќе даде највисок износ треба да ги уплати парите на сметка, по што ножот ќе му биде испорачан. Колку за потсетување, освен уникатноста и квалитетот на изработка, овој нож има и колекционерска вредност.
Ивица Срезоски заради болеста не може да се движи нормално. Тоа му го отежнува секојдневието и му предизвикува низа други здравствени проблеми. За да закрепне потребен му е медицински третман, рехабилитација со роботика во поликлиника Neuromedic, Ниш (Србија). За ова му се неопходни 20.000 евра.
Radio G се приклучува кон повиците и ги охрабрува сите поединци и општествено одговорни компании да му се помогнеме на овој млад човек и колку толку да му го олесниме секојдневието.
Коментарите се затворени.