Претседателката Сиљановска-Давкова на патрониот празник на ОУ „Мустафа К. Ататурк“ порача: Учењето е најдобра инвестиција

Гостивар, 19 мај 2025 (МИА) Претседателката на Република Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова на прославата по повод патрониот празник на гостиварското основно училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ додели пофалници на најуспешните ученици и испрати порака дека учењето е најдобра инвестиција. Во обраќањето Сиљановска – Давкова истакна дека е поврзана со турската култура и народ затоа е денес во училиштето што го носи еден од најистакнатите личности на турската држава.

-Мене денес ми е местото овде. Дојдов во право време, на право место. Би сакала да ви кажам зошто. Прво, родена сум во турска куќа, не случајно. Второ, родена сум во мај, празников е во мај. Трето и самата сум учителка, само на повозрасни ученици. Велат, еднаш професор, секогаш професор, рече Сиљаноска – Давкова.

Таа посочи дека кон личноста на Кемал Ататурк има голем респект, не само заради потеклото, не само заради тоа што учел во Битола и Солун, па дури и бил вљубен во една Елени туку затоа што е навистина голем реформатор.

-Многу моменти од мојот живот биле врзани за Турција, за турскиот народ, како судбина да ми била. Не можам, а да не искажам огромно задоволство и почит кон овој мулти-културен амбиент, прекрасно е. А да не зборувам за денот. Има ли поважен датум за вас и за сите Турци ширум светот, од 19-ти мај, рече претседателката.

   

Таа денес додели пофалници на двајца ученици и напомна дека и самата била првенка и во основно училиште и во гимназија и на факултет.

-Нема подобра инвестиција од таа во знаењето. Учете, бидејќи учењето и знаењето ќе ве направат посигурни, потолерантни, покомпетитивни, само тоа не може никој никогаш да ви го одземе во животот, рече претседателката Гордана Сиљановска – Давкова на денешната прослава на патрониот празник на ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар.

На прославата која беше проследена со пригодна културно-уметничка програма, присуствуваше и градоначалникот Ваљбон Лимани. Основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ е едно најголемите во општината со три подрачни училишта со над 1.400 ученици. Ова училиште е основано во 1945 година, а до 2006 година го носеше името на Петре Јовановски, а пред речиси две децении го носи името „Мустафа Кемал Ататурк“.

Шефицата на државата посетата на Гостивар ја искористи да се посети и други институции.

згм

Коментарите се затворени.

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

gostivar