Јавните претпријатија лани работеле со добивка, Советот одобри и пари за спортските клубови
ГОСТИВАР 13 март 2026 – Шестата седница на Советот на општина Гостивар помина во знак на позитивните финансиски извештаи на локалните јавни претпријатија. Според презентираните завршни сметки за минатата година, сите претпријатија под надлежност на општината лани оствариле профит, што беше истакнато како редок куриозитет во работењето на локалната самоуправа.

Највисока добивка во апсолутна бројка прикажа ЈП „Комуналец“. Од вкупниот приход кој изнесувал 230 милиони денари, во 2025 година претпријатието успеало да ја заврши годината со чиста добивка од 19 милиони денари. Успешна година зад себе остави и ЈП „Градски паркинзи и зеленило“. Со вкупни приходи од речиси 33 милиони денари, ова претпријатие остварило добивка од 5,1 милион денари. Од раководството најавија дека за годинава се планира нова програма за вработување, како и инвестиција во набавка на ново специјално „пајак“ возило за потребите на градот.

Позитивен биланс бележи и ЈП „Ринија“, претпријатието кое управува со спортските објекти. Со вкупен обрт од 6 милиони денари, тие лани оствариле добивка од околу 230 илјади денари, а најголем дел од приходите биле реализирани преку наплатата на паркингот кај спортската сала.
Светниците дадоа и едногласна поддршка за спортот и граѓанскиот сектор. Покрај разгледувањето на буџетот и завршните сметки, советниците на денешната седница дадоа „зелено светло“ за финансиска поддршка на неколку спортски колективи и здруженија:

- ЖКК Гостивар (женски кошаркарски клуб) доби најголема поддршка во износ од 1.000.000 денари.
- КК Гостивар 2 доби поддршка од 400.000 денари.
- ФК Пролетер и ски клубот „Сноу спорт клуб“ се поддржани со по 300.000 денари.
- Фудбалската академија „Таленти“ доби 150.000 денари.
Општината ќе одвои средства и за поддршка на граѓанскиот сектор, Асоцијација за интеграција на ромите “Месечина” – Гостивар доби 150.000 денари за нивните активности.
Коментарите се затворени.