Младите ликовни таленти го одбележаа Светскиот ден на уметноста
Гостивар, 15 април 2026 (МИА) – Со мултиетничка уметничка колонија, Центарот за култура АСНОМ по четврти пат го одбележа 15 април – Светскиот ден на уметноста. Ликовниот талент го искажаа ученици од повеќе училишта од општина Гостивар. Во фоајето на Центарот за култура младите уметници пред публика сликаа дела во повеќе техники. Годинава, за разлика од претходно, покрај средношколците, учествуваа и деца од основните училишта.

Овој настан кој станува традиционален има за цел да ги поттикне и промовира младите уметници од локалната заедница.
– Оваа година одлучивме да ја прошириме групата на учесници. Учествуваат ученици од седум основни училишта од градот, како и средношколци од насоките за архитектура и дизајн при средното техничко училиште, рече Љуљета Усеини координатор во Центарот за култура.

Директорот на центарот Исмет Ислами во обраќањето на настанот посочи дека институцијата со која раководи ќе продолжи со поддршка на младите уметници, ставајќи им ги на располагање своите простории и ресурси.
– Таленти има, и тоа многу, но на овие млади луѓе им е потребен поттик и стимул. Недостасуваат соодветни простори за промоција, но ќе дадеме максимум да се обезбеди поголема системска поддршка за развој на уметноста меѓу најмладите, рече Ислами.

Коментарите се затворени.