Анастасија Антеска го промовираше деби романот „Лево од срцето, близу општината“
Гостивар, 6 мај 2026 – Анастасија Антеска, ученичка во средно медицинско училиште во Гостивар вечерва го имаше своето деби пред читателската публика. Во посебно преуреден простор на кафе клубот „Булевар“ (BLVD) се одржа промоцијата на нејзиното книжевно првенче „Лево од срцето, близу општината“, новела која неодамна излезе од печат. Ова дело е своевидна исповед на авторката и содржи белешки со размислувања за љубовта, театарските искуства, дилемите на младиот човек, училиштето, другарувањата, родители.

Нејзина наставничка по македонски јазик од основното училиште професорката, Валентина Николоска во својство на модератор на промоцијата посочи дека младата авторката, Анастасија Антеска, не е само писател вечерва. Таа е храброст, таа е доказ дека младоста не значи недостиг на длабочина – туку напротив, понекогаш значи најчиста форма на вистина.
– Ти вечерва стоиш пред нас не како ученичка, туку како автор. И тоа не кој било автор туку автор што се осмелил да чувствува длабоко и да пишува искрено. Тоа е најтешкото, но и највредното нешто. Во овој момент сите ние како наставници сме искрено гори што успеа да создадеш нешто свое нешто посебно, нека овој почеток на успех те води кон уште поголеми соништа, а твоето срце нека биде твојот најсилен водич рече професорката Николоска.

Во воведното обраќање, Антеска посвети зборови на неа блиска душа полни со емоции. Таа одговараше и на прашања кои се однесуваа на нејзините ставови кон животот и опкружувањето. Особено беше остра кон луѓето кои ги креираат општествените норми. Одговарајќи, таа кажа дека младите си заминуваат од татковината и затоа што не се доволно ценети, нивниот талент не е препознаен и заминуваат каде нема да трпат потценување.

Анастасија Антеска е често присутна на сцените на културните настани во градот како модератор и водителка. Има повеќе учества на натпревари како млад уметник. Романот „Лево од срцето, близу општината“ е нејзино прво книжевно дело издадено со сопствени финансии преку издавачот Индиго Хаб – Скопје.
згм
Коментарите се затворени.