Лани 124 странски државјанки илегално престојувале и работеле во Полог
Откриени 124 странски државјанки кои непријавено престојувале и работеле во полошкиот регион
Гостивар, 13 јануари 2021 (МИА) Во контролните активности на полицијата за откривање на странски државјани, кои непријавено престојуваат и работат, минатата година на тетовско-гостиварското подрачје биле откриени 124 женски лица. Тие главно непријавено престојувале и работеле пред сè во угостителски објекти или го злоупотребиле туристичкиот престој
Од СВР Тетово посочуваат дека во 2020 година реализирале редовни и акциски контролни активности за откривање и законско санкционирање на ваквите дела. Во овие активности вкупно биле откриени вкупно 124, претежно женски лица. Од нив најмногу биле откриени на тетовското подрачје (99), а преостанатите 25 на гостиварското.
Според потеклото на земјите од кои доаѓаат, од нив 41 се државјанки на Република Србија, 38 од Република Албанија, 13 од Република Косово 9 од Украина. По седум државјанки од Република Бугарија, од Босна и Херцеговина и Русија, а меѓу откриените имало и по една државјанка на Молдавија и Шведска.
Според анализата на СВР Тетово, најмногу од откриените странски државјанки лани биле ангажирани како пејачки, танчарки или придружнички. Најголемиот дел од нив го злоупотребиле туристичкиот престој, а некои од нив и непријавено престојувале на подрачјето.
Во активностите кои полицијата ги спровела, на сите изготвени им се соодветни поднесоци и се соочиле со законски предвидените санкции: парични глоби и со депортирање во нивните матични држави. з. г. м
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.