Започна тестирањето за попишувачи, еве и колку ќе заработуваат избраните
Пријавувањето на јавниот Конкурс за ангажирање реонски попишувачи и реонски инструктори за претстојниот попис на населението, домаќинствата и становите до овој момент се одвива добро. До сега има над 300 кандидати заинтересирани за попишувачи и реонски инструктори.
Назми Елези, претседател на општинска пописна комисија за Гостивар информира дека на конкурсот се пријавиле повеќе од сто кандидати за предвидениот број во гостиварското подрачје.
На селекцијата која се вршеше преку тестирање, пријавените одговараа на 35 прашања поврзани со податоци за реонизација, правилата за самиот попис начините на попишување.
Елези вели дека за гостиварската општина предвидени се 187 попишувачи и 19 инструктори. Секој инструктор ќе има по 10 попишувачи. Резултатите од тестирањето ќе бидат познати во наредните денови.
Надоместот за попишувачите за правилно внесени податоци во електронскиот прашалник се утврдува да изнесува за попишувач паушален износ од 4.000 денари, за секое попишано лице по 30 денари, за секој попишан стан по 20 денари, за секое попишано домаќинство по 50 денари. За лице определено за резерва паушал од 5.000 денари, а за секој ден ангажирање по повик на резервниот попишувач 700 денари дневно.
Надоместот на реонскиот инструкторот изнесува: за реонски инструктор паушален износ од 5.000 денари, за секоe попишано лице од попишувачот по 3,00 денари, за секое попишано домаќинство од попишувачот по 5,00 денари, за секој попишан стан од попишувачот по 2,00 денари.
Пописот 2021-ва започна со онлајн попишување на вработените во дипломатско – конзуларните претставништва, во Обединетите нации, стопански комори и на дијаспората. На терен, пописот на граѓаните ќе се спроведе од 1 до 21 април.
Коментарите се затворени.