На Денот на екологијата промовирана еко-патрола и апарат за мерење на аерозагадувањето
Гостивар, 21 март 2021 Гостиварската локална самоуправа, дводневното одбележување на 21 март Денот на екологијата го започна со промоција на екопатрола и новиот апарат со кој ќе се мери квалитетот на воздухот. Мерната станица е прва од ваков вид во Македонија и според ЕУ стандардите.
Одделението за заштита на животната средина и природата кое во рамки на општина Гостивар, во салата на советот на општината пред активисти, претставници на институции и невладини организации и граѓани претстави новитетите кои, како што беше кажано ќе придонесат подобрување на животната средина и да се намали загадувањето. Многу важен дел од заложбите на општината за обезбедување на здрава средина, како што беше истакнато ќе бидат новиот уред и екопатролата
Еко-патролата која сега брои десет лица членови на локалните еколошки друштва наскоро ќе биде вклопена во работата на општината.
– Ќе најдеме начин во иднина оваа екопатрола да ја институционализираме во рамки на владините проекти од каде најавија формирање на еко-полиција и ние сега се подготвуваме за тоа, рече Зуди Џелили раководител на Одделот за екологија при општина Гостивар.
На примопредавањето на уредот за мерење на квалитетот на воздух од компанијата „Информ“ од Скопје беше кажано дека наредниве две до три недели ќе тестира неговата функционалност. Претставникот потенцираше дека Гостивар е првиот град Македонија што набавува.
– Станува збор за мобилна мерна станица која ги исполнува европските стандарди потребни за мерење на загадувањето на воздухот. Тоа мери аерозагадување во реално време и во значителна мера може да открие загадувачи и во кое време и зошто е загаден воздухот на одредена локација. Тоа во иднина ќе ја олесни работата на општинската власт да презема и соодветни мерки, рече Сашо Рафајловски, од „Информ“ од Скопје.
Првиот човек на општината во обраќањето напомена дека целта на одбележувањето на Денот на екологијата е во насока на подигање на свеста кај граѓаните од сите возрасни групи и категории, зачувување на животната средина и природата, како и подигање на нивото за одржување на чистота.
– Годинешниот буџет за делот на екологија е зголемен за пет пати во споредба со претходните години. Направивме многу во однос на заштитата на животната средина и така продолжуваме, изјави Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар.
Волонтерите од Еко-патрола ќе бидат обучени од невладината организација „Еко Герила“ од Тетово, а поддршка вети и Џабир Дерала организацијата „Цивил“ кој присуствуваше на настанот.
Заради врнежите од снег, засадувањето на сто дрва низ градот е одложено за поповолни временски услови.
Одбележувањето на 21 март ќе продолжи и утре со работилници во кои ќе се вклучат децата од градинките и првачињата, по што ќе се спроведат акции за чистење на градот. з. г. м.
Коментарите се затворени.