Пошумување во Гостиварско: Годинава ќе се засадат 12 илјади садници
Гостивар, април 2021 Годинешната програма за пошумување, вработените во ЈП „Национални шуми“ ја започнаа во атарот селото Дебреше. На површина од еден хектар денес се засадија една илјада багремови, дабови и садници од црн бор. Во акцијата се приклучи и заменик директорот на НП „Национални шуми“, Берат Дехари кој ја истакна важноста од заштитата на шумите од која најмногу корист има локалното население.
– Правилното и ефикасно одржување и управување со шумите, главно преку нивна ревитализација е од суштинско значење за намалување на потенцијалните негативни влијанија врз животната средина, рече Дехари.
Тој најави дека пошумувањето кое ќе се спроведува на територијата на општините Гостивар и Врапчиште до есен ќе бидат засадени околу 12 илјади нови садници. Дехари упати и апел до граѓаните од овој регион да помогнат во заштитата на шумите и побара да се пријават каква било злоупотреба или незаконско сечење шуми.
Првиот човек на шумско стопанската единица на Шар-Гостивар, Милорад Андријески, посочи дека жителите на Дебреше знаат како да се грижат и да ја заштитат шумата, а ова пошумување ќе биде успешно.
Шумите кои се на околу 25 илјади хектари и со кои стопанисува ШСЕ Шар-Гостивар го покриваат 8 шумочувари, а во блиска иднина се очекува оваа бројка да се зголеми за двојно.
згм
Коментарите се затворени.