Бектеши: Мерките дадоа ефект врз работата на компаниите, во Гостивар ќе има нови 300 работни места
Гостивар, 28 април 2021 Министерот за економија Крешник Бектеши оствари повеќе средби сопственици и менаџери на компании од преработувачката, градежната индустрија и угостителскиот сектор кои беа поддржани со мерки од програмите на Министерството за економија и најави нови мерки и форми за поддршка на стопанството.
Бектеши искажа задоволство од почетокот на работите на новата фабрика на компанијата „Алмеро“, која како што рече храбро инвестира во нов капацитет во време на пандемија.
– Овој потег кореспондира со мерките на владата кои ги реализиравме минатата година и новите мерки кои ги најавивме. Така, директно им излегуваме во пресрет на компаниите за да ја зголемат конкурентноста иновативноста и да креираме нови работни места. На овој начин ќе овозможиме и зголемување на извозот што од друга страна пак индиректно влијае и врз малите и микропретпријатија кои пружаат услуги на поголемите компании, рече Бектеши
Тој најави започнување на уште две инвестиции во гостиварскиот регион. Едната е фабрика која ќе пакува вода, а другата ќе произведува прехрамбени продукти и ќе вработи над триста лица.
Бектеши се осврна на поддршката на компаниите од гостиварскиот регион која државата ја пружи минатата година и напомена дека преку министерството за економија таа достигнала пет милиони евра.
– Користењето на ваквите мерки имало позитивен ефект и врз фабриката Алмеро која го зголеми бројот на вработени во време на пандемија, што е и крајната цел, подвлече Бектеши.
Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека следната недела во Собранието ќе биде доставено законско решение за финансиска поддршка на инвестиции. Тоа предвидува директна поддршка во форма на грант од 20 проценти за сите компании што ќе инвестираат оваа и наредната година.
Коментарите се затворени.