Изгаснат пожарот кај Галичник

Гостивар, 3 мај  Изгаснат е пожарот кој вчера до доцна во ноќта гореше на непристапен терен над селото Галичник. Преку социјалните мрежи, од месната заедница информираа дека противпожарните екипи со помош на припадниците на Армијата, успеале во вечерните часови да ги изгаснат сите жаришта.

-Утрово во Галичник е мирно. Извид на лице место направи пешадиска единица од земја и воздухопловен Винг – воздухопловната единица на АРМ со два хеликоптери од воздух. Сите жаришта се згаснати, наведуваат од Центарот за управување со кризи.

Според ЦУК, пожарот бил на непристапен терен, а поради силниот ветар имало потенцијална опасност за селото и куќите во Галичник. За справување со огнот бил ангажиран и хеликоптер на АРМ.

Во пожарот кај селото Галичник – општина Маврово и Ростуше кој избувна вчера околу 13 часот беа зафатени околу 10 хектари шума. Според Самир Ајдини, директорот на националниот парк ,,Маврово“, огнот зафатил 6,6 хектари со смрека и приземна вегетација низ борова шума и дел од насад со бор. Според него пожарот бил целосно изгаснат околу 22 часот. Во гаснењето биле ангажирани противпожарната служба од Гостивар, специјалната единица на АРМ и екипа од НП Маврово составена од шумари со возила и опрема за гасење на пожари.

Коментарите се затворени.