Фестивал „Литературни искри“: Гран при за Фросина Тасевска
Гостивар, 23 мај 2021 Гостивар Поетесата Фросина Тасевска од Штип ја освои највисоката награда на осмото издание на меѓународниот фестивал „Литературни искри“. Годинава, заради пандемијата, манифестацијата се одвиваше преку социјалните мрежи. На конкурсот се пријавија 126 автори во двете возрасни категории. Освен од Македонија конкурираа и поети од Словенија, Бугарија, Албанија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина.
Прогласувањето на најуспешните следуваше по онлајн обраќањата на дванаесетте финалисти. Покрај обраќањата, тие прочитаа и по една песна.
Според жири комисијата на овогодишното издание, во состав: претседател Вања Изова Велева и членовите Габриела Петроска и Гордана Страшевска, наградата гран при на „Литературни искри“ 2021 ѝ припадна на Фросина Тасевска од Штип. За најдобар странски автор е прогласена Аида Ораховац, од Куч, Црна Гора. Првата награда му припадна на Владо Поповски од Скопје, а втората на Тони Павлески од Прилеп. Третата награда за поетска творба ѝ припадна на Сања Нечовска од Скопје.
За најуспешна млада искра е прогласен шеснаесет годишниот Елмин Елези од Скудриње, Општина Маврово и Ростуше.
Организаторите на фестивалот, традиционално на наградените поети ќе им додели плакети, а на останатите застапени автори во заедничката поетска збирка ќе им бидат доделени дипломи. Доколку дозволат условите и мерките за заштита, летово се планира и промоција на најновата збирка која пред два дена излезе од печат.
Поетскиот фестивал „Литературни искри“ се одржува во чест на 24-ти мај, денот на првите македонски просветители Светите браќа Кирил и Методиј, а реализацијата на овогодишното издание беше поддржано од Општина Гостивар и неколку приватни компании.
згм
Коментарите се затворени.