Со групна изложба заврши меѓународната ликовна колонија Гостивар 2021

Гостивар, 27 јуни 2021 Со доделување на благодарници и изложба на делата кои уметници ги твореа изминативе пет денови, синоќа беше означен крајот на Меѓународната ликовна колонија Гостивар 2021.

На пригодната свеченост во центарот за култура АСНОМ каде беа изложени 23 платна во повеќе сликарски техники, чија селекција ја направи организаторот, здружението на ликовни уметници на Македонија „Драудакум“.

Универзитетскиот професор и претседател на ЗЛУМ Драудакум, Решат Амети напомена дека годинава избраните уметници меѓу кои некои имаат забележителни кариери, создале дела на високо креативно ниво, гостиварската публика доби можност да види дел нивното творештво.

На публиката и учесниците на колонијата им се обрати и државниот секретар во Министерството за култура Ваљмир Азири кој искажа задоволство од добрата организација и најави дека поддршката на вакви настани ќе продолжи, бидејќи како што рече тоа е добра прилика за промоција на Гостивар и Македонија.

Од минатата среда (23 јуни) триесетина уметници од Македонија, Либан, Косово, Турција, Албанија, Англија, Јужна Кореа и Германија твореа во околината Гостивар.

Шеснаесетто издание на меѓународната ликовна колонија финансиски беше поддржано од Министерство за култура и општина Гостивар.

згм

Коментарите се затворени.