Средното техничко училиште со нов изглед и пет кабинети за практична настава

Гостивар, 1 јули 2021 Управата на општинското средно техничко училиште (ОСТУ) на пригоден начин ги промовира инвестициите со кои значително се подобрени условите за настава. Од наредната учебна година во функција ќе бидат пет нови кабинети за практична настава, а направена е и целосна реконструкција на внатрешноста во училиштето.

Директорот на ОСТУ Гостивар, Бесир Салиу на промоцијата кажа дека сработеното е со средства обезбедени преку непосредната соработка со општина Гостивар во изминативе три години.

            – Со меморандумот за соработка со општината беше предвидено за период од 24 месеци да се инвестираат три милиони денари за подобрување на условите за настава и престој на учниците. Сега имаме целосно нови и опремени  кабинети за информатика, архитектура , електро-техника, за козметичкиот смер, ликовно и за кариерниот центар, рече Бесир Салиу, директор на училиштето.

На промоцијата присуствуваше и градоначалникот на општина Гостивар кој искажа задоволство од реализираното, напоменувајќи дека вложувањето во образованието биле една од главните точки во програмата по локалните избори во 2017 година.

            – Уште во кампањата пред четири години ветивме дека во раководењето со општината, една од главните цели ќе бидат инвестициите во училиштата. Сега може да се види дека повеќето училишта се уредени и имаат целосно нов изглед. Освен техничкото, подоновени се основните училишта „Гоце Делчев“, „Исмаил Ќемали“, во Форино и Дебреше, гимназијата, медицинското, речсиси сите. Се надевам дека наредната недела ќе ги отвораме и новите кабинети во гимназијата и во медицинското, рече Таравари.

На пригодната свечност, во знак на благодарност, управата на училиштето додели плакети и благодарници на семејството на починатиот наставник Драгиша Стојкоски, раководителката на секторот за образование Аслијан Снопче и градоначалникот за нивниот придонес.

згм

Коментарите се затворени.