Промовиран романот „Атласот на тајните“ на Дејан Крстески
Гостивар, 5 јули 2021 „Атласот на тајните“ првиот роман на Дејан Крстески вечерва беше промовиран пред љубителите на книжевноста во Гостивар.
Петтото дело на овој млад гостиварски книжевник е самостојно издание, кое како што беше кажано на промоцијата во центарот за млади (YCC) e психолошки роман на околу 300 страници.
Во рецензијата за романот, поетесата и новинар Љупка Антеска ќе подвлече: „Атласот на тајните“ е роман кој раскажува за човекот, на едноставен начин успева да го раслои, да посочи кон мрачните страни од кои секој поединец бега, а истовремено не е роман кој суди и вперува прст.
Крстески, на претставувањето на последното дело напомена дека станува збор за роман во роман, книга во книга, а за содржината откри дека се работи за две паралелни приказни за два пара кои се составуваат на крајот. Пораката од романот, за кој авторот рече дека е пишуван долго и дека првите делови се настанати пред десет години е негување на почитта во меѓусебните односи.
Модератор на настанот беше Константина Ѓурковиќ, а извадоци од книгата читаше Билјана Дејановска.
Дејан Крстески е роден 1986 година. Дипломирал македонски јазик и книжевност на филолошкиот факултет и психологија на филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Досега ги има издадено стихозбирките „Луѓе без лица“ и „Херои од хартија“ и збирките раскази „Поглед кон небото“ и „Чист хероин“. Добитник е на повеќе литературни награди и признанија.
згм
Коментарите се затворени.