Посебен режим на сообраќај за време на одржувањето на „Галичка свадба“

Гостивар, 16 јули 2021 Од вечерва па до недела попладне по локалниот пат Маврово-Галичник сообраќајот ќе се одвива по посебен режим. Посетителите особено возачите ќе треба да ги следат насоките на полицајците и редарските служби за да се избегнат застои.

Од СВР Тетово информираат дека денес (16 јули) и наредните два дена, сабота и недела (17 и 18 јули) ќе се воведе посебен сообраќаен режим кон мијачкото село Галичник, каде што викендов ќе се одржи традиционалната манифестација „Галичка свадба“.

Режимот започнува вечерва од 20 до 1 часот по полноќ кога се забранува движење на возила низ селото. Утре забраната ќе биде на сила од 18 до 22, а во недела од 7 часот и 30 минути до 15 часот.

– Поради тоа, на граѓаните им се советува нивните возила да ги паркираат на наменски одредената локација за паркирање, на влезот на селото Галичник. Им се укажува, исто така, целосно да ги почитуваат наредбите и насоките на полициските службеници и редарските служби, а мештаните од Галичник возилата да не ги оставаат на пат, туку во дворовите пред нивните куќи, со цел да не се создаваат непотребни сообраќајни мешаници, наведуваат од СВР Тетово.

Заради непречено одвивање на сообраќај во двете насоки по регионалниот пат Маврови Анови – Дебар, од СВР Тетово апелираат овој викенд да не се изведуваат никакви градежни или други активности.

згм

Коментарите се затворени.