Нуредини: До крајот на август ќе заврши првата фаза за санација на Русино

Гостивар, 19 август 2021    Мерките за санација на Русино, предвидени во првата фаза според првиот човек на екологија се при крај и тие ќе завршат до крајот на овој месец. По завршувањето на градежните работи се очекува и отпочнување со работа на меѓуопштинското комунално претпријатие.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска беше во обиколка на нестандардизираната депонија во Русино, каде во тек е реализацијата на брзите мерки за санација на депонијата. 

Од МЖСПП информираат дека досега се реализирани сите подготвителни работи, поставена е колската вага за мерење на количини на отпад, во тек е изградба на насипи и воспоставување на системот за управување со протекување на исцедокот. 

-Започнато е и асфалтирање на патот до депонијата, a паралелно се работи и на подготовката на документација на алтернативен пат до Русино од патот Гостивар – Маврово. Се очекува брзите мерки да бидат целосно завршени до крајот на август годинава, наведуваат од ресорното министерство.

Според најавите, по ова ќе се започне со втората фаза од проектот и управувањето со Русино ќе биде предадено на заедничкото јавно регионално претпријатие Русино/Полог, формирано од сите општини од Полошкиот плански регион.

Коментарите се затворени.